Новинарот и дописник на локалната палестинска телевизија, Мохамед Абу Хатаб, беше убиен вчера заедно со 11 членови на неговото семејство во воздушен напад на израелските сили врз нивната куќа во Кан Јунис во Појасот Газа.
Мохамед Абу Хатаб се пријавил пред болницата Насер во Газа во четвртокот навечер. Триесет минути подоцна, кога се вратил дома, бил убиен во израелско бомбардирање, според палестинската медиумска агенција.
Потврдено е дека загинале вкупно 36 новинари и медиумски работници од почетокот на израелската офанзива на Појасот Газа. Меѓу нив има 31 Палестинец, четворица Израелци и еден новинар од Либан.
Трагичната смрт на Мохамед Абу Хатаб особено го потресе Салман Ал-Башир, новинар кој изрази чувства на фрустрација, тага и беспомошност во репортажа во живо за палестинската телевизија.
„Не можеме повеќе, исцрпени сме. Ќе умреме, прашање на време е. Ние не сме заштитени, оваа заштитна опрема не не штити, ништо не може да ги заштити новинарите. Ги губиме животите, еден по еден. Мохамед Абу Хатаб беше тука пред само половина час“, рекол видно потресен Салман Ал-Башир, стоејќи пред болницата каде што Мохамед Абу Хатаб и членовите на неговото семејство беа прогласени за мртви.
Тој вели дека ознаката „PRESS“ на неговиот панцир е само парола, а потоа во знак на протест го соблече панцирот. Во исто време, новинарка во студиото на палестинската телевизија не можеше да ги задржи солзите додека го слушаше емотивниот говор на својата колешка, а овие моменти од репортажата во живо можете да ги погледнете ОВДЕ.
Израелската Армија не ја коментираше трагичната смрт на новинарот и неговото семејство.