Претседателот на државата Стево Пендаровски, придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, денеска присуствуваше на свечена церемонија на крунисување на Неговото Величество кралот Чарлс III и кралицата Камила во Вестминстерската опатија во Лондон.
Како што соопштија од неговиот кабинет, Пендаровски со сопругата вчера присуствувале и на прием во Бакингамската палата, приреден од кралот Чарлс III за странски гости – претседатели на држави со кои Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска има дипломатски односи, за претставници на британските региони и прекуокеанските територии, како и за членови на кралското семејство и британската Влада.
„Претседателот и сопругата присуствуваа на настаните во Лондон како одговор на поканата упатена до шефови на држави од британската страна. Македонско-британските релации се темелат на заеднички и универзални вредности и постојано се унапредуваат уште од нашата независност. Во 2023 година Република Северна Македонија и Обединетото Кралство одбележуваат јубилеј од три децении од воспоставувањето на дипломатските односи“, се наведува во соопштението од кабинетот на Стево Пендаровски.