Вадим Пристаико помина три години како украински амбасадор во Велика Британија, но неговиот мандат неочеувано заврши откако утринава е разрешен од страна на Володимир Зеленски.
Во претседателската одлука, според која Вадим Пристаико е разрешен од функцијата украински претставник во Меѓународната поморска организација, не се наведени причините за неговото разрешување.
Треба да се нагласи дека Вадим Пристаико отсекогаш бил клучна врска со британската Влада, а тие се и еден од најголемите воени донатори и политички покровители на Украина во војната со Русија.
Вадим Пристаико беше назначен во Лондон во јули 2020 година, по повеќе од две децении работа во надворешната политика на Украина.
Роден е во регионот Одеса во 1970 година, а студирал компјутерски науки и меѓународна трговија на водечките украински универзитети.
Во раните 1990-ти години, тој одиграл важна улога во основањето на „Electronni Vista“, еден од првите украински даватели на интернет услуги.
Откако ја напуштил компанијата, тој се приклучил на Министерството за меѓународна трговија на Украина, пред да се приклучи на Министерството за надворешни работи во 1997 година.
Тој поминал низ неколку украински амбасади и конзулати низ светот, вклучително и Австралија и Канада, па дури и служел како заменик амбасадор во САД во првиот мандат на Барак Обама.
Тој стана прв човек на мисијата на Украина во НАТО во 2017 година, пред две години подоцна да стане прв вицепремиер за европски односи.
За време на првите денови на Володимир Зеленски како претседател на Украина, Вадим Пристаико беше советник за надворешна политика, како и заменик началник на неговиот кабинет.
Но, „љубовта“ меѓу Володимир Зеленски и Вадим Пристаико пукна кога сега веќе поранешниот украински амбасадор во Велика Британија се осмели јавно да го критикува украинскиот претседател во интервју за Sky News неколку дена пред да биде разрешен.
Неговите забелешки дојдоа додека тој разговараше за контроверзните коментари дадени од министерот за одбрана на Велика Британија, Бен Валас.
Имено, Бен Валас предложи Киев да им покаже поголема благодарност на своите сојузници за снабдувањето со оружје за борба против руските сили.
Володимир Зеленски кажа дека Украина отсекогаш била благодарна на Велика Британија, нејзиниот верен сојузник, а потоа додаде дека Бен Валас може да му покаже како да ја изрази својата благодарност, односно како – „можеме да станеме наутро и да му ги изразиме зборовите на благодарност на министерот“.
На прашањето дали Володимир Зеленски е саркастичен, Вадим Пристаико изјави за Sky News дека има „малку сарказам“ кога претседателот рекол дека секое утро ќе се буди и ќе му се јавува на Бен Валас за да му се заблагодари.
„Не верувам дека овој сарказам е добар“, изјавил Вадим Пристаико, додавајќи дека – „Русите мора да знаат дека работиме заедно“.