На социјалните мрежи е многу популарно видео од албанскиот премиер Еди Рама, кој зборувајќи на Бледскиот форум, раскажа виц за рускиот претседател Владимир Путин и шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин.
Снимката е направена на панел на меѓународната конференција Бледскиот стратешки форум во Словенија, во присуство на лидерите на земјите кандидати за влез во Европската унија.
Рама на крајот од својот говор им се обрати на соговорниците со безопасното „Не знам дали сте слушнале дека Русија сака да ги обедини своите временски зони, бидејќи имаат девет часа разлика меѓу двата краја на земјата“. Потоа продолжи.
„Премиерот оди кај Путин и му вели – Имаме проблем. Моите беа на одмор, им се јавив да им посакам добра ноќ, но кај нив веќе беше утро. Му се јавив на Олаф Шолц да му честитам роденден, но тој рече дека тоа ќе биде следниот ден. Му се јавив на Си Џинпинг за да му посакам Нова Година, но тој ми рече дека се уште е старата година. Во тој момент Путин одговара: Да, и мене ми се случи. Му се јавив на семејството на Пригожин да му изразам сочувство, но авионот се уште не полетал“, изјави Еди Рама.
Неговата шега беше проследена со смеа.
Да потсетиме, Евгениј Пригожин, шефот на „Вагнер“, беше прогласен за мртов откако авионот во кој се наоѓаше се урна во областа Твер во Русија.
Неколку дена по несреќата, Пригожин беше погребан во Санкт Петербург со големи безбедносни мерки.
Иако некои земји побараа Русија да спроведе меѓународна истрага за падот на авионот на Пригожин, Кремљ најави дека таква истрага нема да биде спроведена и дека Русија ќе спроведе внатрешна истрага во согласност со правилата.