Рускиот генерал кој јавно призна дека е сменет од командантската функција откако го обвини военото раководство за ужасната ситуација на фронтот во Украина, каде, како што наведе, руските војници добиле „нож в грб“ поради неуспехот на воено раководство.
Генерал-мајор Иван Попов, кој командуваше со 58-та бригада на Армијата за комбинирано вооружување, во гласовна порака објавена од рускиот пратеник Андреј Гуруљов призна дека е отпуштен од функцијата.
Министерството за одбрана на Русија се уште не го коментираше случајот, а медиумската агенција Reuters не може да ја потврди автентичноста на гласовната порака. Претставникот Андреј Гуруљов е поранешен воен командант кој редовно се појавува на руската државна телевизија.
„Беше тешка ситуација со властите во која требаше или да молчиш и да бидеш кукавица или да кажеш како стојат работите“, рекол меѓудругото во гласовната порака Иван Попов.
„Немав право да лажам во ваше име, во име на моите паднати соборци, затоа ги презентирав сите проблеми што постојат“, истакнал тој.
Иван Попов рекол дека е зголемен бројот на руски војници убиени од украинската артилерија и дека Армијата нема соодветен противартилериски одбранбен и извидувачки систем.
„Високите лидери очигледно се почувствуваа загрозени и брзо добија наредба од министерот за одбрана за еден ден и се ослободија од мене“, тврди генералот.
„Украинската Армија не можеше да ги пробие нашите редови од фронтот, на фронтот, но нашиот висок командант нè удри одзади, сурово обезглавувајќи ја војската во најтешкиот и најужасниот момент“, заклучил Иван Попов.