Русија објави дека денес случајно бомбардирала село во нејзиниот јужен регион Воронеж во близина на Украина, пренесе AFP.
Инцидентот се случи истиот ден кога Русија изврши масовен ракетен напад врз Украина.
„За време на летот на воздушните сили, над селото Петропавловка во регионот Воронеж, дошло до погрешно истрелување ракети. Нема жртви“, се вели во соопштението на руската Армија објавено од руските медиумски агенции, а пренесено од весникот The Guardian.
Властите соопштија дека во несреќата биле оштетени шест приватни куќи.
„Истрагата за околностите на настанот е во тек. Комисија работи на терен за проценка на природата на штетата и давање помош при обнова на куќите“, се вели во соопштението.
На социјалните мрежи се појавија и видеа од погоденото подрачје каде што е очигледно дека има повеќе разурнувања.
Гувернерот на областа Воронеж, Александар Гусев, изјави дека некои од жителите на Петропавловка, на околу 150 километри источно од украинската граница, се преместени во привремено сместување.
Утврди и дека нема жртви, но откри дека евидентирано е уништување во седум домаќинства.