Жена од САД со потекло од Филипините се соочува со обвинение дека се обидела да го убие сопругот истурајќи му отров во утринското кафе.
Како дел од истрагата, полицијата во Тусон, Аризона неодамна објави видео-снимка од домашните камери за надзор.
На видеата се гледа како Мелоди Фелисијано Џонсон ја истура течноста неколку пати во машината за кафе, која потоа му ја послужува на Роби Џонсон, нејзиниот сопруг, а видео-снимките можете да ги погледнете ОВДЕ.
Нејзиниот сопруг забележал дека кафето почнало да има поинаков вкус, па за време на престојот во Германија поставил скриени камери во нивниот привремен дом и ја видел неговата 39-годишна сопруга како става нешто во машината за кафе.
Тој забележал дека по чистењето на кафематот, садот останал лизгав и мирисал на белило.
„Ја забележав како доаѓа до апаратот за кафе и прави нешто, па го зедов мојот тестер“, вели Роби Џонсон во видеото.
Според судските документи, сопругот тврдел дека кафематот е негов и дека само тој пие кафе.
Обвинителот потоа побарал висока кауција, наведувајќи дека обвинетата има семејство на Филипините каде неодамна купила куќа, што може да претставува потенцијален ризик за бегство.
Таа се соочува и со обвиненија за обид за убиство од прв степен, тежок напад и неовластено користење на штетни материи во храна, пијалоци или лекови.