Mинистерot за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, денес изјави дека Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е пред колапс и дека Запад ги убива шансите за заживување на таа организација.
Ова го изјави на Министерскиот состанок ОБСЕ што се одржува во Македонија, пренесува медиумската агенција Reuters.
Сергеј Лавров додаде дека перспективите на организацијата се нејасни и потсети дека организацијата била уништена во 1999 година.
„Се чинеше дека крајот на биполарната конфронтација го направи бесмислено постоењето на Атлантската Алијанса. Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше ограбено Косово без никаков референдум“, посочи Сергеј Лавров во говорот.
Тој потсети дека за нешто повеќе од една година Хелсиншкиот Завршен акт ќе наполни 50 години.
„Во таа насока, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни“, посочи првиот човек на руската дипломатија.
Тој се осврна и на санкциите што Запад ги воведе кон Русија во неверојатна сума.
„Во обид да ја уништат руската економија, Соединетите Американски Држави и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, со што ставија крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион“, нагласи тој.
Сергеј Лавров додаде дека се добива впечаток дека ЕУ ги напуштила првичните цели на нејзините креатори за подобрување на благосостојбата на земјите-членки и се претворила, главно преку напорите на бриселската бирократија, во агресивен геополитички проект.
Министрите за надворешни работи на одредени земји кои учествуваат на денешниот 30. Министерски состанок на ОБСЕ во Скопје го бојкотираа обраќањето на првиот човек на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Тие станаа и ја напуштија конференциската сала односно спортската сала „Борис Трајковски“ веднаш откако претседавачот со ОБСЕ, домаќинот на самитот, прв човек на македонската дипломатија Бујар Османи, го најави обраќањето на Сергеј Лавров.
На социјалните мрежи се појави видео, снимено од руски дипломат присутен во салата, на кое се гледа дека Сергеј Лавров не се поздравува со никого на пат кон своето место, ниту пак некој од колегите му пришол, а тој бизарен момент можете да го погледнете ОВДЕ.
Сергеј Лавров, како што може да се види на видеото, само го поздрави министерот за надворешни работи на Сан Марино, Лука Бекари, кој, според протоколот, седи десно од делегацијата на Руската Федерација.
Местото лево беше резервирано за романската делегација, која беше празна во моментот на пристигнувањето на Сергеј Лавров.