Неколку воени претставници во Пентагон лобираат да одобрат испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина за да помогнат во одбраната од руски ракети.
Американските авиони Ф-16 се на врвот на листата на желби на Украина од почетокот на рускиот напад.
Но, и Вашингтон и Киев досега им даваа приоритет на артилерија, оклопни возила и системи за противвоздушна одбрана поради потребата да се заштити цивилната инфраструктура, но и да се придвижат кон ослободување на територијата окупирана од руските сили.
Но, бидејќи Украина планира да започне нова офанзива за ослободување на окупираните територии на пролет, американското Министерство за одбрана активно води кампања за испраќање борбени авиони на Украинците, потврди за Политико претставник на министерството и уште две лица вклучени во разговорот во Пентагон. Сите извори инсистираа на анонимност за отворено да се зборува за дискусиите кои се уште се водат внатре.
Во Киев, охрабрени од релативно брзото одобрение за испраќање на системот за противвоздушна одбрана „Патриот“, како и повеќе од 100 западни тенкови, вклучително и 31 напреден американски тенк од типот Абрамс, се надеваат дека американските борбени авиони би можеле да бидат следни на листата.
„Мислам дека не сме против тоа“, рече висок функционер на американското Министерство за одбрана за испраќањето на F-16, говорејќи под услов да остане анонимен. Но, функционерот нагласува дека не е донесена конечна одлука.
Со Ф-16 би биле рамноправни?
„Ако добијат F-16 Viper вооружен со ракети воздух-воздух и електронски заштитен радар, тоа би ги израмнило шансите“, рече претставник на американското Министерство за одбрана.
Дури и ако Америка одлучи да не испраќа Ф-16, другите западни земји имаат авиони од американско производство што би можеле да ги испратат во Киев. На пример, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра минатата недела му рече на парламентот дека владата ќе ја разгледа можноста за испраќање Ф-16 во Украина доколку Киев го побара тоа. Па, таков трансфер прво би требало да го одобри Америка.