Јосип Броз Тито почина на 4. мај 1980 година во 15 часот и 5 минути во Клиничкиот центар во Љубљана, три дена пред неговиот 88 роденден.
Тито тогаш во јануари бил примен во болница поради проблеми со циркулацијата, а пред смртта му била ампутирана ногата со што не сакал да се согласи се додека бел свесен. Веќе од средината на февруари тој бил во вештачка кома.
Веста за смртта на Јосип Броз Тито на Југословените им ја соопшти презентерот на Телевизија Белград, Миодраг Здравковиќ.
„Почина другарот Тито. Ова вечерва го соопшти Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија на работничката класа, работниците и граѓаните, народите и националностите на СФРЈ Југославија“, гласеше веста која одекна не само низ тогашна Југославија туку и целиот свет.
Ковчегот со посмртните останки на Тито пристигна следниот ден со „Синиот воз“ од Љубљана, преку Загреб, до Белград.
Три дена подоцна, на погребот присуствувале 700.000 луѓе. Присутни биле 209 државни делегации од 128 земји. Тоа бил најпосетениот погреб на државник во XX век.
31 претседател, 22 премиери, четворица кралеви, шест принцови и 11 претседатели на национални парламенти му оддадоа последна почит на основачот на Движењето на неврзаните. Од светот поделен со Студената војна, во Белград пристигнаа државници од двата табора.
На погребот пристигнале и Маргарет Тачер, американскиот потпретседател Волтер Мондејл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусеин, Леонид Брежњев, Николај Чаушеску, шведскиот крал Карл XVI Густаф.
Јосип Броз Тито е погребан во „Куќата на цвеќето“ на Дедиње во Белград, каде од 2013 година до него почива неговата сопруга Јованка.