ВИДЕО Снимени последните моменти на првиот човек на Хамас. Фрли стап кон дронот

Израел објави дека Јахја Синвар, првиот човек на Хамас, е убиен во Рафах во Појасот Газа. Израелците тврдат дека цел на нападот биле тројца милитанти и дека не знаеле дека меѓу нив е и Синвар.

Контраадмиралот Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили (ИДФ), рече дека израелските војници забележале тројца терористи како трчаат од куќа до куќа во областа Тал Ел Султан во Рафах. Тој прикажа и видео на кое се гледа како на Синвар му приоѓа дрон. Синвар е маскиран на видеото и има повреда на раката. Тој седи во фотеља и фрла нешто што личи на стап кон дронот, пред да заврши видеото.

На социјалните мрежи се проширија фотографии на кои се гледа мртвото тело на Синвар. Во нив може да се види Синвар како лежи мртов во урнатините на уништената зграда. Има дупка во черепот. 

Планирал масакр што ја започна војната

Синвар, главниот архитект на нападот на Израел од 7 октомври 2023 година, кој ја започна војната во Газа, беше именуван за лидер на Хамас по убиството на тогашниот водач Исмаил Ханија во Техеран во август. Тој не е виден во јавноста од масакрот на 7 октомври и се веруваше дека се крие во огромна мрежа тунели ископани од исламистички терористи под Газа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека злото „претрпело тежок удар“, но предупреди дека задачата на Израел „не е завршена“. „Денес злото претрпе тежок удар, но задачата пред нас се уште не е завршена“, рече тој. Обраќајќи им се на семејствата на заложниците, тој рече дека ова е „важен момент во војната“.

Тој исто така имаше порака до жителите на Газа: „Синвар ви го уништи животот. Ви кажа дека е лав, но во реалноста се криеше во мрачно дувло – и беше убиен додека во паника бегаше од нашите војници“.