Полицијата започна истрага за тепачка во центарот на градот Њукасл во која беше вмешан капитенот на фудбалскиот тим на Њукасл, Џамаал Ласелс. Како што пишува Дејли Мејл, тој излегол на слободен ден со својот помал брат и пријател кога биле нападнати од група мажи.
Се тврди дека 19-годишниот брат на капитенот на Њукасл добил удар со лакт во вратот, по што Ласелс се вклучил и го оттурнал напаѓачот. Група од шест до осум напаѓачи потоа се свртеле кон фудбалерот. Пред да почнат ударите, шише долетало кон неговата глава и го промашило.
Фудбалерот се бранел и го заштитил својот брат
Како што пишува Дејли Мејл, братот на фудбалерот излегол од тепачката облеан во крв, а неговиот пријател завршил во несвест откако бил удрен со нога во главата додека лежел на земја. Беа упатени закани до Ласелс дека ќе биде застрелан. Фудбалерот реагирал во самоодбрана со цел да го заштити својот брат.
Напаѓачите побегнале пред да дојде полицијата. Службите за итни случаи му помагале на пријателот на Ласелс. Се вели дека бил во несвест околу 15 минути.