Голема ајкула нападнала посетител на Националниот парк „Еверглејдс“ во Флорида, САД.
На краткото видео објавено на социјалните мрежи се гледа како млад човек се наведнува кон водата од рибарскиот чамец со намера да си ги измие рацете, но речиси во истиот момент на површина излегла голема ајкула и го фатила за рака.
Младиот човек паднал во водата со застрашувачки крик.
„Фати го! Фатете го“, на видеото се слуша како викаат другите луѓе на чамецот.
Младиот човек некако успеал да излезе од водата, а на видеото се гледа крвавата трага оставена на неговата рака од водениот „ѕвер“.
Службата за Националниот парк соопштила дека не се сигурни каков тип на ајкула го нападнала младиот рибар, но локалните медиуми неофицијално објавија дека се работи за бик ајкула.
Чуварите на паркот веднаш се погрижиле за младиот човек кој бил нападнат од ајкулата, а потоа спасувачкиот персонал со хеликоптер го префрлил во медицинскиот центар во околината на Мајами. Засега не е познато колку е сериозна повредата на раката.