Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претходниот ден соопшти дека кандидатурата на Шведска за членство во НАТО нема да биде ратификувана од турскиот парламент пред октомври.
Тој на прес-конференција на Самитот на НАТО во литванската престолнина Вилнус порача дека процесот ќе треба да почека додека пратениците не се вратат од летната пауза.
„Парламентот не заседава во следните два месеци, но наша цел е да го завршиме ова прашање што е можно поскоро“, објаснил Реџеп Таип Ердоган.
Турција во понеделникот ги повлече своите приговори за приклучување на Шведска во НАТО, чекор кон единството што западните лидери сакаат да го покажат додека Русија ја напаѓа Украина.
Одлуката на Реџеп Таип Ердоган е значаен чекор кон членството на Шведска, а истата се случи по неколкудневните интензивни состаноци.
Финска веќе стана 31-ва членка на НАТО, а Шведска е на прагот да стане 32-та членка на Алијансата.
Двете нордиски земји беа историски неутрални се додека војната во Украина не ги зголеми нивните стравови од можна руска агресија.