Лос Анџелес Лејкерс дојде на чекор од финалето на Западната конференција во НБА лигата, откако поведе со 3:1 во плеј-оф серијата против актуелниот шампион Голден Стејт Вариорс.
Неочекуван херој на големиот триумф на тимот од Лос Анџелес беше Луни Вокер, момче кое ретко добиваше шанса за игра оваа сезона.
Луни Вокер најчесто седел на клупата, ги бодрел соиграчите и ја чекал својата шанса, а кога ја доби, решил да ја искористи на најдобар можен начин.
Тој во последниот дел од четвртиот натпревар од плеј-оф серијата постигна дури 15 поени (6/9 шут од поле), а во финишот изведе клучни слободни фрлања за победа на Лос Анџелес Лејкерс (104:101).
„Постојано му велев да биде подготвен, дека ќе ни треба во одреден момент. Без неговиот професионализам, подготвеност кога ќе дојде време, без Луни Вокер немаше да го добиеме овој натпревар“, изјавил ѕвездата на клубот, Леброн Џејмс, по натпреварот.
Момчето кое го просветли Леброн Џејмс и целата кошаркарска јавност не било воопшто разгалено од животот… Преживеало вистински пекол и се искачил до височините, а ѕвездата со која зрачи е запрепастувачка со оглед на сите ужаси што ги доживеал во детството.
Кога пристигнал во НБА лигата, Луни Вокер бил препознатлив по својата ексцентрична фризура. Таа фризура всушност го претставувала неговото бегство од страшното минато.
„Вистинската причина зошто почнав да го правам тоа со мојата коса беше затоа што мојата фризура беше механизам за криење. Во петто одделение останав со неколку семејства и бев сексуално вознемируван, силуван, малтретиран… Бев навикнат на тоа, бидејќи на тие години не знаеш што е тоа“, открил кошаркарот пред неколку години и додал: „Косата беше нешто што можев да го контролирам. Ми даде самодоверба“.
За жал, за време на пандемијата, демоните од минатото повторно започнале да го прогонуваат Луни Вокер. Тој минувал низ исклучително тежок период, но успеал да го надмине. Како што вели и самиот тој, се погледнал во огледало и решил се да остави зад себе.
„Најдов мир и внатрешна среќа. Им простив на сите, дури и на луѓето кои не го заслужуваат тоа. Зошто ? Времето не чека никого, па зошто да го трошиме на нив“, рекол еднаш Луни Вокер.
Тој решил по некое време да ја скрати косата, но не било само таа промена на косата, туку и отстранувањето на „маската“ која ја носел на лицето.
„Животот секогаш ќе биде тежок. Мора да играте со картите што ви се делат и да се обидете да постигнете победничка рака. Губењето никогаш не е пораз, тоа е лекција“, рекол кошаркарот.
Со новата фризура и големата самодоверба што ја стекнал, започнало и неговото кошаркарско воздигнување. По добрата сезона со Сан Антонио Спарс, тој минатата година пристигна во Лос Анџелес Лејкерс кои му дадоа едногодишен договор вреден 6,5 милиони долари.
На почетокот на сезоната тој играше добро, со просек од 14,7 поени по натпревар, но заработи повреда која го чинеше неговото место во тимот. Кога се опорави, трпеливо ја чекал својата шанса од клупата. По убедливиот пораз во вториот натпревар од полуфиналната серија, тренерот на Лос Анџелес Лејкерс решил да му даде шанса во третиот натпревар и Луни Вокер ги исполнил очекувањата, а потоа во четвртиот натпревар блесна како никогаш досега во кариерата и стана херој на неговиот клуб.