Поранешниот вработен во обезбедувањето во Собранието, Абдуљфета Алими, кој беше осуден за настаните од „27 април“, по поминати шест години во затвор, денеска излезе на слобода, потврди за МИА директорот КПД „Идризово“ Зоран Јовановски.
Веста на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук со видео – стрим ја потврди и поранешниот пратеник и екс претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој беше меѓу групата од повеќе лица кои го пречекаа Алими.
Села изјави дека го смета Алими за брат, бидејќи во настаните во Собранието на 27. април му го спасил животот.
Алими, кој беше вработен во обезбедувањето во Собранието, беше осуден затоа што им ги дал клучевите на поранешните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои ги отворија вратите на Парламентот со што им овозможија на демонстрантите да влезат во објектот.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица, кои се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив 15 беа амнестирани со Законот за амнестија.