Валенсија го победи Реал Мадрид (1:0), но фокусот во Шпанија не е на тоа што „лилјаците“ обезбедија прволигашки опстанок, ниту дека „кралскиот клуб“ се лизна на третото место, туку фокусот е целосно свртен кон Винисиус. Бразилскиот фудбалер се справуваше со постојани расистички навреди, а потоа на крајот беше исклучен.
Дојде до таму што судијата Бенгоеткеа му се извини на Винисиус, што на семафорот на стадионот се појави знак дека клубот ги осудува насилството и навредите во фудбалот, па дури и капитенот на Валенсија, Хозе Гаја, се обиде да ги спречи навредите во разговор со навивачите на Валенсија. Залудно. На крајот Бразилецот до тој степен ги загуби нервите што во 97. минута му удри шлаканица на Хуго Дуро при туркање и доби црвен картон. По натпреварот, новинар го праша Винисиус дали ќе се извини за неговото однесување по исклучувањето, а Бразилецот беше изненаден од прашањето и кусо одговори: „Дали си глупав ?“.
„Наградата што ја добија расистите беше моето исклучување. Ова не е фудбал, ова е Ла Лига“, напиша тој подоцна во објава на социјалната мрежа Инстаграм.
Карло Анчелоти прв застана во одбрана на својот фудбалер.
„Винисиус не е проблемот, Винисиус е жртвата. Зошто мислите дека судијата ја прекина играта ? Затоа што јавноста му викаше на Винициус ‘идиот’ ? Не. Судијата го прекина натпреварот бидејќи го отвори протоколот за расизам. Кога Винисиус беше исклучен, цел стадион почна да вика ‘мајмуни, мајмуни’. Многу сум тажен“, изјавил тренерот на Реал Мадрид.