Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, синоќа ја прескокнал заедничката вечера на лидерите на земјите членки на НАТО за време на Самитот на Алијансата во главниот град на Литванија, Вилнус.
Весникот New York Post наведува дека ги изненадил учесниците на самитот, а од Белата куќа велат дека причината што Џо Бајден не се појавил на вечерата лежи во пренатрупаниот распоред на 80-годишниот домаќин на Белата куќа.
Се известува дека неименуван американски функционер, на прашањето за причината поради која Џо Бајден не се појавил на вечерата, рекол дека – „американскиот претседател имал четири дена службени обврски и се подготвувал за голем говор следниот ден покрај вообичаените обврски на вториот ден од Самитот“.
Наместо Џо Бајден, на вечерта присуствувал Ентони Блинкен, првиот човек на Стејт департментот, а не се знае дали меѓу претставниците на 31 земја-членка на НАТО има отсутни претседатели на држави или влади.
Она што се знае е дека таму како гостин бил и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
New York Post потсетува дека Џо Бајден ја поминал целата сабота, која била три дена пред да ја прескокне вечерата на лидерите на НАТО, уживајќи на плажата во градот Рехобот Бич во Делавер, каде што поседува викендица.
Се вели дека токму тоа им послужило на критичарите брзо да реагираат на веста дека Џо Бајден не се појавил на вечерата во вторникот вечерта.
„Џо Бајден, буквално пред три дена“, напиша во објава на социјалната мрежа Твитер, Абигејл Марони, портпаролката на републиканскиот сенатор Џош Хејли, која со пораката објави фотографии од Џо Бајден како се сонча на плажа.