Локален радио водител на Филипините бил убиен за време на пренос во живо откако вооружен маж влегол во неговото домашно студио.
Хуан Џумалон (57 г.) бил застрелан двапати во глава за време на утринското емитување на социјалната мрежа Фејсбук во градот Каламба.
Шокантните снимки од нападот покажуваат како изненадениот водител гледа нагоре неколку секунди пред да одекнат истрели. Напаѓачот, кој не може да се види на видеото, потоа го скинал златното ланче од вратот на новинарот пред да побегне со мотор со соучесник кој чекал надвор од куќата.
Хуан Џумалон бил прогласен за мртов на пат кон болница.
Претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос, остро го осуди пукањето и и нареди на националната полиција итно да ги открие убијците.
„Во нашата демократија нема да се толерираат напади врз новинари. Секој што ја загрозува слободата на медиумите ќе се соочи со последиците од своите постапки“, се вели во соопштението на Фердинанд Маркос.
Со децении, Филипините се сметаат за едно од најопасните места за новинарите во светот. Националната унија на новинари на Филипините соопшти дека Хуан Џумалон е 199-ти новинар убиен во земјата од 1986 година, кога демократијата се врати во земјата.
Напаѓачот не бил виден на преносот во живо на социјалната мрежа, но полицијата соопшти дека проверува дали безбедносните камери поставени во домашното студио и соседите снимиле нешто.
ВОЗНЕМИРУВАЧКОТО ВИДЕО можете да го погледнете ТУКА.