Поранешен полицаец, криминален инспектор од Нови Сад, Угљеша Бокиќ, изјавил дека решил да ја напушти работата откако почнал да се чувствува како да „работи за мафијата, а не за полицијата“, иако не учествувал директно во никакви незаконски активности, ниту тоа било побарано од него.
Угљеша Бокиќ за белградскиот неделник NIN изјави дека неговото незадоволство се наталожувало со години и дека поттик за неговата одлука да ја напушти полицијата биле протестите во новосадски Шодрош. Тој вели дека првпат се срамел што е полицаец.
„Тогаш сè уште работев во униформа и бев дел од Интервентната единица на полицијата која интервенира на вакви собири. Сега, јавно признавам дека отворив лажно боледување за да не одам во Белград и си реков дека никогаш нема да употребам сила врз обичните граѓани. Мислам дека ако неколку илјади гневни граѓани излезат на улица, тоа значи дека сте направиле голема грешка како власт, бидејќи овие луѓе не се хулигани, ниту криминалци, туку обични луѓе кои се доведени во ситуација да прибегнат кон насилство за да ги остварат своите права. Тоа е најодвратното и најбесното нешто што сум имал прилика да го видам, а сум видел секакви работи“ вели Угљеша Бокиќ.
Тој забележува дека ја имал „честа“ што и тој и актуелниот режим во Србија ја започнале својата кариера во исто време.
Тој вели дека во полиција почнал да работи пред речиси десет години и дека сега во споредба со тоа време разликата во Министерството за внатрешни работи на Србија е немерлива – „во негативна смисла“.
„И јас молчев, седев, страдав и гледав како просперира просечноста, опортунистите и инфилтраторите, додека дел од моите колеги, кои чесно си ја вршат работата, тапкаа во прашина. Можев точно да видам како пропаѓа една важна и витална институција како што е МВР. Отпрвин беше подносливо, барем имаше некакви граници“, изјавил Угљеша Бокиќ.
Тој додал дека – „сега веќе нема граници“.
„Полиција, политика, висок криминал и корупција, сега се е една работа. Во Нови Сад беа уапсени двајца градоначалници, еден по друг и апсолутно никој не сноси никаква одговорност за тоа, како да се создале на овие функции, а не некој да ги постави“, вели Угљеша Бокиќ.
Додава и дека „починала“ и институцијата каде што работел и дека пред се му е жал поради тоа.
„Огромното мнозинство од високите кадри се длабоко инволвирани во криминал или политички структури и не можете да го промените целото раководство на МВР во еден ден, бидејќи за тоа ви требаат обучени луѓе кои знаат да управуваат со овој тип на системи“, вели Угљеша Бокиќ.