Виетнамското Национално собрание го избра Во Ван Туонг за нов претседател на земјата

– Националното собрание на Виетнам денеска го избра Во Ван Туонг за нов претседател на земјата, по кампањата против корупцијата што владее во оваа земјата и оставката на неговиот претходник Нгуен Ксуан Пук.

На вонредна седница на Националното собрание пратениците со 98,38 отсто од гласовите го потврдија 52-годишниот Туонг за претседател на Виетнам, откако владејачката Комунистичка партија го предложи за оваа главно церемонијална функција, но која е една од четирите водечки политички позиции во оваа југоисточна азиска земја, пишуваат британските медиуми.

Изборот на Туонг следи по оставката на неговиот претходник Нгуен Ксуан Пук, што ја поднесе во јануари откако владејачката Комунистичка партија го прогласи за виновен за прекршувања и неправилности во работата на функционерите кои му биле подредени, а што се смета за голем чекор напред во борбата на земјата против корупцијата.

Во својот прв говор во парламентот како нов претседател, Туонг рече дека решително ќе ја продолжи борбата против корупцијата.

-Ќе бидам целосно лојален на татковината, народот и Уставот, настојувајќи да ги исполнам задачите што ми ги доделија партијата, државата и народот, рече тој.

Туонг е најмладиот член на Политбирото на партијата, највисокото тело за одлучување во земјата, но се смета за партиски ветеран бидејќи својата политичка кариера ја почнал на колеџ во комунистички младински организации.

Британските медиуми наведуваат дека Туонг се смета за близок до генералниот секретар Нгујен Пу Тронг, најмоќната фигура во Виетнам и главен архитект на борбата на партијата против корупцијата.