Виетнамската влада го забрани прикажувањето на филмот на Грета Гервиг „Барби“ бидејќи смета дека филмот е кинеска пропаганда. Филмот првично требаше да биде прикажан во Виетнам на 21 јуни.
Имено, во една сцена филмот прикажува мапа на која голем дел од Јужното Кинеско Море е прикажан како територија на Народна Република Кина, што го нарушува суверенитетот на Виетнам. Јужното Кинеско Море е богато со нафта, риби и бројни острови, поради што Кина и нејзините соседи со години се во конфликт околу поморските гранични линии. Во 2016 година, Обединетите нации пресудија против поморските барања на Кина, со што територијалните граници прикажани во филмот беа неважечки.
Ви Киен Тан, генерален директор на одделот за филм при Министерството за култура, спорт и туризам, рече дека одлуката ја донел Државниот совет за евалуација на филмот.
Ворнер Брос, продуцентската куќа која работеше на филмот „Барби“ сè уште не ја објави забраната, пишува Variety.
Ова не е првпат поморската граница во Јужното Кинеско Море да и’ прави проблеми на филмската индустрија во Виетнам. Во 2019 и 2020 година, „Abominable“ на DreamWorks и „Uncharted“ на Sony беа забранети поради истата причина.
Некои телевизиски серии, како што се „Put Your Head On My Shoulder“ и „Madam Secretary“, мораа да ги отстранат сцените со мапата за да им биде дозволено да се емитуваат, а „Pine Gap“ на Нетфликс беше целосно повлечен.