„Визер“ почна да продава билети за новите летови од Скопје – цените почнуваат од 969 денари. 

Од Скопје до повеќе европски дестинации ќе се лета по цена од969 до 2.500 денари

Како што најави вицепремиерот Александар Николоски, од ноември ќе има летови до Мадрид и Стокхолм, аод декември до Прага, Бари и Келн.

Унгарската авиокомпанија „Визер“ ја најави новата директна маршрута што ќе ги поврзе Скопје и Келн, првиот лет ќе биде на 15 декември, а картите се од 2.599 денари. Авиокомпанијата нуди вкупно 34 дестинации во 15 земји, заминувајќи од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од аеродромот во Охрид. Компанијата најави дека со зголемувањето на поврзаноста и на достапноста на авионскиот транспорт, ќе се придонесе и за развојот на туризмот и на економијата на земјава

„Утрово потпишавме договор за пет нови дестинации кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Овие нови авиолетови ќе значат повеќе туристи, повеќе бизнис можности и повеќе избор за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнуваат редовните линии Стокхолм – Скопје и Мадрид – Скопје, а од декември и Бари – Скопје, Келн – Скопје и Прага – Скопје“, информираше пред неколку денови Николоски.

Според објавените информации, првите летови и цени по правец се следните:

  • Скопје – Мадрид: прв лет на 28 октомври, од 1.949 денари
  • Скопје – Стокхолм: прв лет на 27 октомври, од 2.079 денари
  • Скопје – Бари: прв лет на 27 октомври, од 969 денари
  • Скопје – Прага: прв лет на 15 декември, од 1.619 денари
  • Скопје – Келн: прв лет на 15 декември, од 2.599 денари

Вицепремиерот Николоски вчера преку социјалните мрежи објави дека започна продажбата на билети за новата линија Скопје – Келн, нагласувајќи дека оваа авиолинија ќе има големо значење за развојот на туризмот, поврзаноста со дијаспората и за економијата.