Доколку испораките на нафта преку нафтоводот „Дружба“ не продолжат до септември, Унгарија и Словачка ќе бидат принудени да ги користат стратешките резерви, изјави Жолт Хернади, извршен директор на унгарската нафтена компанија „МОЛ“, во интервју за порталот „Мандинер“.
„Имаме резерви на нафта за 25-30 дена, а покрај тоа Унгарија има бензин, дизел и гориво за авиони за приближно ист период. Ситуацијата во Словачка е приближно иста“, рече тој.
Дури и ако Будимпешта и Братислава продолжат да добиваат руска нафта преку алтернативен пат, постои ризик рафинериите да не работат со полн капацитет, што би предизвикало верижна реакција низ целиот централноевропски регион, нагласи Хернади.
Во случај на прекин на снабдувањето со руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, Унгарија и Словачка имаат право, и покрај санкциите, да ја увезуваат по море преку Хрватска, но тоа би било многу поскапо, објасни тој, пренесува „Ројтерс“ .
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, по разговорот со рускиот заменик-министер за енергетика Павел Сорокин, изјави дека испораките на нафта преку „Дружба“ ќе продолжат во четврток на пробен и нецелосен начин.
Од почетокот на август, Будимпешта пријави три напади од страна на украинските вооружени сили врз нафтоводот Дружба: на 13, 18 и 22 август. Последните два напади доведоа до прекин на испораката на нафта. Унгарија и Словачка останаа без резерви пет дена.
По овој инцидент, унгарските и словачките власти побараа гаранции за нивната енергетска безбедност од Европската комисија.
Нафтоводот „Дружба“ потекнува од Алметјевск, поминува низ Брјанск, а потоа се дели на две гранки: северната гранка поминува низ Белорусија кон Полска, а јужната низ Украина кон Унгарија, Словачка и Чешка.
Руските испораки на нафта за Германија престанаа на почетокот на 2023 година, додека за Полска на крајот на февруари истата година. Останатите земји сè уште добиваат нафта преку јужниот крак на гасоводот.