Виктор Орбан, премиерот на Унгарија и главниот непослушник во Европската унија, попушти во четвртокот, така што лидерите на сите 27 земји-членки на ЕУ конечно постигнаа договор за пакетот помош за Украина во износ од 50 милијарди евра на вонредниот Самит во Брисел, потврди претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Имаме договор. Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на Буџетот на ЕУ. Ова обезбедува стабилно, долгорочно и предвидливо финансирање за Украина“, објави Шарл Мишел на социјалната мрежа Х (Твитер).
На последниот Самит, во средината на декември минатата година, 26 земји ја поддржаа преговарачката рамка предложена од Шарл Мишел, но недостасуваше согласноста на Виктор Орбан, поради што одлуката не беше донесена бидејќи бара консензус од сите земји-членки. Пакетот помош кој претставува за Украина – „да се биде или не“, изнесува 50 милијарди евра, од кои 17 милијарди се грантови, а 33 се заеми.
Покрај пакетот помош за Украина, предлогот за ревизија на Буџетот предвидува 2 милијарди евра за миграција и управување со границите, 7,6 милијарди евра за соседите и светот, 1,5 милијарди евра за Европскиот одбранбен фонд според новиот инструмент STEP (Платформи за стратешки технологии за Европа), 2 милијарди евра за инструментот за флексибилност, 1,5 милијарди евра за резерва за солидарност и итна помош. Виктор Орбан го блокираше целиот пакет поради неговото противење на помошта за Украина. Во замена за неговата согласност, тој побара одмрзнување на сите европски фондови наменети за Унгарија. Пред декемврискиот Самит, Европската комисија одмрзна 10,2 милијарди евра унгарски фондови, но сè уште има околу 21 милијарда кои сè уште се блокирани.
Financial Times објави, повикувајќи се на работен документ, дека 26 земји-членки се подготвени, доколку Виктор Орбан опстои на својата позиција, јавно да и се заканат на Унгарија со губење на сите средства од европскиот Буџет, што финансиски би ја осакатило Будимпешта. Впрочем, веќе по написот објавен во Financial Times, вредноста на форинтата повторно падна. Следбеничката на Виктор Орбан, Џудит Варга, која е главен кандидат на партијата Фидес за европските избори, објави дека Унгарија од самиот почеток била само на „кметска позиција“ во ЕУ.
Набрзо следеше пораката на Виктор Орбан која гласеше:
„Брисел со години води идеолошка војна против Унгарија и постојано не уценува. Сега имаме статија за ова. На страниците на Financial Times е објавен бриселскиот прирачник за уцена. Брисел не уценува затоа што ако се однесуваме како суверена држава, тие ќе го поврзат украинското прашање со владеењето на правото и ќе ја стават Унгарија под западна финансиска блокада. Ова би бил Армагедон за нас, кој нема да го преживееме. Ќе ги заштитиме интересите на Унгарија. Не можат да не уценуваат!“
Унгарија на Виктор Орбан е единствениот отворен сојузник на Русија и Владимир Путин, по нападот на Украина, иако останува да се види дали Словачка ќе им се придружи на овој „пакт“ со нивниот нов премиер Роберт Фицо. Иако вербално го поддржуваат територијалниот интегритет на украинската држава, Виктор Орбан одбива да го критикува Владимир Путин, се противи на вооружувањето на Украина, а некои политичари таму изјавуваат дека регионот Закарпатија треба да и се „врати“ на Унгарија.
Но, останува да се види што успеа да извлече од ноќната средба со Урсула фон дер Лајен, Шарл Мишел, Џорџија Мелони, Олаф Шолц и Емануел Макрон. Очигледно, тој го добил нивното ветување дека начинот на кој Европската комисија ќе го оцени владеењето на правото во Унгарија ќе биде „фер и објективен“. Како што забележува Politico, отстапките се сметаат за мали во Брисел, бидејќи лидерите избегнаа сценарио во кое Виктор Орбан би имал опција за годишно вето на финансиската помош за Украина. И вака Виктор Орбан може да прогласи победа дома со тоа што ќе каже дека Унгарија е ревидирана.
На почетокот на декември, Politico, исто така, дозна дека најголемите земји во ЕУ и пружаат рака на помош на унгарската Влада во нејзиниот спор со Брисел околу кршењето на владеењето на правото. Како и Франција и Германија, заедно со Италија, водат група од околу 12 влади кои ја повикуваат Европската комисија да ја преиспита својата одлука за замрзнување на 7,5 милијарди евра средства за Будимпешта, тврдејќи дека земјата постигнала поголем напредок во антикорупциските мерки отколку што признава Брисел.
Како доследен популист, тој во средата се спушти меѓу белгиските фармери кои протестираа во Брисел и објави душевна порака на социјалната мрежа Фејсбук:
„Атмосферата е веќе жешка во Брисел. Време е бирократите да го слушнат гласот на народот!“, порача Виктор Орбан.
Неделава во Брисел не беше пречекан со пофалби, а особено жестоки беа дел од лидерите на земјите кои го сочинуваат антирускиот блок:
„Мислам, нема проблем со таканаречениот замор на ‘Украина’. Се разбира, ние сме уморни од Виктор Орбан сега овде во Брисел. Не можам да ја разберам или прифатам оваа многу чудна и многу егоистичка игра на Виктор Орбан“, порача премиерот на Полска, Доналд Туск, по пристигнувањето на Самитот и додаде: „Мораме да играме тешко и праведно, но нема простор за компромиси. Нема среден пат: или сте на украинска или на руска страна“.
Каја Калас, премиерката на Естонија, напомена дека не сака да го користи зборот уцена кога зборува за Виктор Орбан, но дека не знае кој термин би бил посоодветен.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал упатија благодарност од Киев.
Од друга страна, Кремљ ги обвини САД дека се обидуваат да го префрлат товарот на поддршката на Украина на рамениците на европските даночни обврзници. Русија додаде дека Киев и Запад ќе продолжат да „имаат проблеми“ и дека Запад се обидува да ја демонизира Русија за да ја направи да изгледа како непријател.