Тенискиот Грен слем „Вимблдон“ годинава ќе се игра за рекорден награден фонд во историјата на турнирот, објави веб-страницата на натпреварувањето.
Вкупно 44,7 милиони фунти (околу 52,2 милиони евра) ќе бидат достапни за тенисерите, што е за 11,2% повеќе од минатата година и за 17,1% повеќе од Вимблдон 2019 година.
Победниците во женски и машки сингл ќе добијат 2,35 милиони фунти (2,75 милиони евра), а поразените финалисти – 1,175 милиони (1,37 милиони евра). Овие награди се еднакви со оние во 2019 година.
Во распределбата на паричните средства, големо значење сè уште се придава на поддршката на играчите во првите кола од натпреварувањето. Паричната награда за квалификациите е зголемена за 14,5 отсто во однос на минатата година, а играчите кои ќе загубат во првото коло од главниот турнир на Вимблдон ќе добијат 55.000 фунти (64.000 евра), што е за 10 отсто повеќе од 2022 година.
Средствата за машки и женски двојки се зголемени за 10,7 отсто во однос на минатата година, додека наградите за играчите во инвалидска количка поединечно и двојки се зголемени за нешто помалку од 20 отсто.
Вимблдон ќе се одржи од 3 до 16 јули на тревните терени во Лондон.