Раководството на српскиот фудбалски шампион Црвена ѕвезда донесе одлука ВИП трибината на западната страна на стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград да го носи името на легендарниот фудбалер Синиша Михајловиќ.
„Синиша не беше легенда на Ѕвезда само поради своите квалитети како фудбалер, туку и како човек. Миха никогаш не ја прекина врската со Црвена ѕвезда и Србија, и беше вечен амбасадор на нашиот клуб и народ“, соопшти белградскиот клуб.
Михајловиќ во раната фаза од својата кариера настапуваше за Црвена ѕвезда за која одигра 39 натпревари и постигна девет голови, а беше незаменлив дел од шампионската генерација која во 1991 година стана европски и светски првак.
Михајловиќ почина на 16 декември лани на 54-годишна возраст од леукемија.