Високите температури предизвикуваат пожари – евакуирани се граѓани од неколку населби во Атина

Повеќе од 70 пожарникари се обидуваат да го локализираат големиот пожар во предградието на Атина, принудувајќи ги властите да издадат наредби за евакуација на две околни населби.

Снимките покажуваат дека пожарот беснее низ ниски грмушки и маслинови дрвја во ретко населената област во близина на Вари, околу 30 километри јужно од центарот на Атина.

Портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракојани изјави дека пожарот брзо се проширил поради силниот ветер.

Претходно денеска неколку куќи изгореа од пожарот источно од Атика во градот Коропи. Пожарот прво избувнал на паркингот за чамци во градот Коропи, а потоа се проширил, пренесува Катимерини.

Десетици пожари ја зафатија Грција во последните денови, но беа изгаснати пред да предизвикаат големи штети. Неколку лица се уапсени и обвинети за случајно подметнување на пожарот.

Шумските пожари се вообичаени во Грција и предизвикаа многу смртни случаи во последните години.

Пожарникарите и авионите вчера продолжија да се борат со уште еден голем пожар во јужниот дел на Пелопонез, а властите наредија евакуација на едно село.