Вистински нуклеарен ризик или само игра на зборови: Искусен адмирал се потсмева на заканите на Трамп кон Русија

Реакциите откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се приближуваат нуклеарни подморници кон Русија сè уште не стивнуваат, а меѓу оние кои реагираа на овој потег на Белата куќа беше и пензионираниот адмирал на Кралската морнарица на Велика Британија Крис Пари.Во интервју за „Скај њуз“, Пари ја коментираше најавата на Трамп и рече дека американскиот претседател си игра со зборови и до одреден степен се потсмева на ставовите на американскиот претседател.

„Тоа е игра на зборови. Приближувањето на нуклеарните подморници поблиску до Русија е сосема ирелевантно со оглед на нивните капацитети. Фактот дека подморниците се приближиле до Русија е сосема ирелевантен, не е важно дали е оддалечена 160 или 6.500 километри“, рече адмиралот.

Тој истакна дека овие типови подморници се во патрола 365 дена во годината.

„Овие ракети преминуваат илјадници километри, а нивните патролни области се доста дефинирани, како и нивните цели. Подморници со нуклеарни балистички ракети патролираат 24 часа на ден, 365 дена во годината. Голем дел од тоа е реторика. Тоа е војна на зборови, нема ништо суштински“, рече адмиралот.

Аналитичарот Самуел Рамани, исто така, во интервју за овој британски медиум нагласи дека не верува оти Русија сака дополнително да ја ескалира ситуацијата.

„Не мислам дека Русите драстично ќе ескалираат. Дмитриј Медведев би можел да истапи и да се врати, но тоа повеќе ја одразува неговата желба да им се додворува на ултранационалистите“, објасни тој.