Целосната анализа на Државниот пазарен инспекторат за зголемувањето на цените на храната ќе биде готова следната недела, најави денес заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој одговараше на прашање од новинари во Штип за тоа дали веќе работат на мерки за намалување на цените на прехранбените производи во супермаркетите.
Ристески нагласи дека оваа Влада прави добри анализи пред да донесе какви било одлуки и мерки, и како што рече, така ќе биде и овој пат.
„Цените ги следиме во максимална мера преку Државниот пазарен инспекторат, спроведуваме анализи и доколку заклучиме дека има потреба од донесување одлука или мерка, тоа ќе го сториме во интерес на граѓаните за да го заштитиме нивниот животен стандард. Наша главна грижа како влада се граѓаните и нивниот животен стандард“, рече Ристески.
Заменик-министерот за економија и труд додаде дека врз основа на тековната анализа подготвена од Економскиот институт, има мало зголемување на цените, главно кај кафето и маслото, кои се производи на берзата.
„Поточно, цените на некои производи се вратија на нивото што беа пред одлуката, што беше пред еден месец или повеќе, имаше мало зголемување на одредени цени, додека некои останаа на исто ниво. Но, имаме поголемо зголемување на цените на кафето и маслото, кои се производи на берзата и зависат од светските берзи. Сепак, јавноста ќе биде информирана за конечната одлука доколку постои и тоа ќе го покаже целосната анализа, која ќе биде готова следната недела“, рече Ристески.
На прашањето за воените тензии на Блискиот Исток, кои сигурно ќе се одразат на енергетскиот пазар, и дали Владата има план како да се справи со нов енергетски шок, Ристески посочи дека Владата ја следи состојбата на глобално ниво.
„Ние ја следиме не само состојбата на домашната економија, туку и светските настани, и како што ќе се развива ситуацијата, ќе реагираме како Влада. Мора да бидеме подготвени однапред и да имаме информации и состаноци со бројни министерства и Владата. Ситуацијата се следи и доколку проблемот ескалира, што би предизвикало одреден шок за светската економија, нормално е Владата да реагира со соодветни мерки“, рече Ристески.
Тој додаде дека Владата нема да чека глобалната економска криза да нè затекне во ова прашање и поради оваа причина, како што рече, „мора да бидеме подготвени и тоа е она што го правиме“.