Владата добива поддршка од САД и ЕУ, СДСМ ја саботира дипломатијата, вели Митева

Владата има нов пристап кон дипломатијата и работи на јакнење на меѓународните односи со континуирана поддршка од САД и ЕУ, истакна портпаролката на Владата Марија Митева во гостувањето на „24 анализа“ на ТВ24. Таа обвини дека СДСМ наместо да ги поддржи националните интереси, се служи со манипулации и создава негативен наратив за дипломатските напори на Владата.

„Дипломатските односи не се градат преку ноќ, но евидентно е дека меѓународната поддршка за Македонија расте. Од друга страна, СДСМ има проблем со тоа, наместо да го поздрави напредокот, користи манипулации и дезинформации,“ изјави Митева.

Стабилни односи со стратешките партнери
Според неа, чекорите што ги преземаат премиерот и министрите во насока на продлабочување на дипломатските односи со САД и ЕУ се дел од долгорочна стратегија, а не ад-хок потези.

„Тоа не се работи што можат да се направат од денес за утре. Станува збор за континуирана работа во која Македонија сега има интегритет и јасна позиција,“ нагласи таа.

Претходната власт оставила сериозни предизвици

Митева посочи дека лошите политики на претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ довеле до проблеми во надворешните односи, кои сега Владата се обидува да ги коригира.

„Некои проблеми се создавале со години, а сега се очекува да се решат веднаш. Но, важно е што Владата има јасен правец – нема веќе штетни компромиси, туку цврста и конзистентна политика,“ рече таа.

Остра критика за односот на СДСМ кон дипломатските успеси
Митева ја критикуваше СДСМ за нивниот однос кон посетата на премиерот во САД, посочувајќи дека наместо да ја поддржат, тие креираат негативна слика.

„Не можам да разберам како може да им пречи посетата на премиерот во САД, а истовремено кога беа на власт, нивниот премиер зборуваше со пранкери. Тоа е нешто што никогаш нема да можам да го сфатам,“ потенцираше таа.

Македонија добива континуирана поддршка од ЕУ
Според неа, Македонија добива јасна и недвосмислена поддршка од ЕУ, бидејќи Владата настапува со транспарентност и јасна дипломатска стратегија.

„Кога ги презентираме реалните состојби и зборуваме со факти, добиваме конкретна поддршка. Македонија бара почитување на европските вредности и тоа го гледаме низ меѓународните релации,“ заклучи Митева.

Владата со нов пристап во дипломатијата
Новата влада има стратегија за долгорочна стабилност во меѓународните односи. Митева потенцира дека Македонија веќе не прави штетни компромиси, туку настапува со јасни и доследни позиции. Таа најави дека Владата ќе продолжи со ангажмани за зајакнување на односите со ЕУ и САД, додека во исто време ќе работи на коригирање на грешките направени од претходните влади.