– Владата на Северна Македонија, на предлог на Министерството за одбрана, на денешната седница донесе три одлуки кои се однесуваат за престој на вооружените сили на САД за Европа на територијата на државава, испраќање на припадници на Армијата за учество на вежбата „EFES 24“, во Република Турција и на вежбата „Vigorous Warrior 24” во Република Унгарија.
Како што соопштуваат од прес-центарот на Владата, на седницата Владата ја разгледа и усвои Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, заради реализација на вежбата „Swift Response 24“ и донесе ваква Одлука.
– Вежбата, според информацијата од ресорното министерство, е во целосна организација на Вооружените сили на САД за Европа, а ќе се реализира од 24 април до 29 мај 2024 година на Армискиот полигон Криволак. На вежбата е предвидено учество на припадници од Вооружените сили на САД за Европа, со опрема, вооружување, воени и цивилни моторни возила, воздухоплови, беспилотни летала и други материјално – технички средства и изведба на падобрански скокови, одделенски и водни боеви гаѓања, стои во соопштението од прес-центарот.
Како што дополнуваат на седницата се донела одлука и за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „EFES 24“, во Република Турција, во организација на Вооружените сили на Република Турција, а којашто се очекува да допринесе да се надградат стекнатите знаења и да се добијат дополнителни знаења и искуства во доменот на планирање НАТО операции во мултинационална средина.
Донесена е и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Vigorous Warrior 24” во Република Унгарија. Вежбата, според образложеното, е во организација на NATO Medical Centre of Excelence и на неа, покрај припадници од НАТО членките, е предвидено учество и на претставници од партнерски земји на НАТО Алијансата. Вежбата, како што е посочено, ќе овозможи подобрување на интероперабилноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во давање медицинска поддршка при извршување заеднички мултинационални операции.