Трагедијата во Кочани, во која животот го загубија 62 млади луѓе, е од невидени размери, велат од Владата и нагласуваат дека како Влада, нивна должност, покрај целосното истражување и расветлување на случајот и изведување пред лицето на правдата на сите вклучени, е и да обезбедат соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивните семејства.
„Досега, како Влада, обезбедивме 30 милиони денари за превоз и сместување на придружници, поточно членови на семејствата на повредени пациенти. Но, нашата грижа не завршува тука, бидејќи Кочани е наш приоритет и никој не се осмелува да биде заборавен“, велат од Владата.
Отворивме и телефонска линија која е во директна комуникација со премиерот. Повредените и нивните семејства можат да се јават на 070/355-526 за да ги искажат своите барања, конкретни предлози и потреби.
„На владина седница ќе донесеме одлука рекреативниот центар Пониква, кој има 27 соби и 56 кревети, да се трансформира во рехабилитационен центар, каде што медицинскиот персонал ќе може да работи и на психофизичката состојба и на пружање медицинска нега за брзо закрепнување на повредените граѓани“, се вели во владиното соопштение.
„Како Влада, ќе направиме сè што е во наша моќ да помогнеме и да се обидеме да ја намалиме болката. Преземаме конкретни мерки што се во интерес на граѓаните. Државата мора и се менува“, се наведува во соопштението.