Пензиите во септември секако ќе се зголемат – ако е процентуално зголемување, тие со најниска пензија ќе добијат плус по околу 700 денари месечно. За да има линеарно зголемување треба да се смени законот за пензиско и инвалидско осигурување, а неизвесно е дали тоа ќе се случи до распишувањето на локалните избори околу 8 август.
Пензионерите од септември треба да добијат повисоки пензии, но уште не се знае на кој начин и за колку. Едниот начин е линеарно зголемување, по иста сума за сите пензионери без разлика на висината на пензијата. Вториот начин е со редовно усогласување, како што регулира Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Третиот начин е пензиите во септември да се зголемат за одреден процент, а потоа да се смени законот и пак да има линеарно зголемување.
„Сѐ посериозно се размислува во правец дека тие 5.000 денари што претходно ги реализиравме како линеарен систем на зголемување на пензиите, дека дадоа резултат посебно кај две третини од пензионерите. Кај пензионерите со минимална пензија, доколку зголемувањето е процентуално, тоа ќе биде навистина минимално, а со линераниот систем добиваат реално покачување на нивните пензии. Затоа целиот процес го гледаме низ призма на овие елементи“, изјави Ѓоко Велковски, заменик министер за труд и социјална политика, за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Стручно тело во Владата прави анализа на целиот пензиски систем, вклучително и на методологијата за пресметка на пензиите. Од таа анализа, која засега не е готова, ќе зависи како ќе се зголемуваат пензиите во иднина.
Но, за да има поголемо(линеарно) зголемување на септемвриската пензија, до 1 септември треба повторно да се смени Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Неизвесно е дали тоа ќе се случи, со оглед дека околу 8 август Собранието треба да ги распише локалните избори кои ќе се одржат во октомври.
Затоа во игра е и варијанта, во септември пензионерите да добијат повисока пензија за одреден процент, а потоа да се менува законот и линеарно зголемување да добијат после октомври – при што повторно не се знае дали би важело само за одреден период, или би било долгорочна методологија.
За колку ќе се зголемат пензиите пред изборите во октомври?
Законски, од септември треба да се врати старата методологија со која пензиите се усогласуваат 50 отсто според порастот на трошоците на живот и 50 отсто според порастот на просечната плата. Ова усогласување се прави двапати годишно – во март и во септември.
Отстапување се направи минатата година, кога ВМРО-ДПМНЕ за да го исполни предизборното ветување за повисоки пензии, линерано ги зголеми пензиите за по 5.000 денари за сите пензионери. По 2.500 денари им легнаа на сметките во септември 2024 година и по уште толку во март 2025 година.
„Секој денар плус е добредојден. Видете ги цените во продавниците, пензијата не стигнува ни до средина на месецот“, вели скопјанката Вера Гошева, која зема минимална месечна пензија од 18. 192 денари.
Во Сојузот на пензионери септемвриското зголемување на пензиите го пресметале на најмалку 4 отсто, според сегашните статистички податоци. Во таков случај, минималната пензија би била зголемена за по околу 700 денари.
Приближно толкаво ќе биде зголемувањето и според пресметките на Владата.
„ За нас, секое усогласување што е одржливо и одговара на постулатите на пензискиот фонд, е прифатливо. Ние сме за одржливи решенија“, рече Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери, за РСЕ.
За сите по исто или за некој помалку – за друг повеќе?
Со транспарент „Само линеарно“ дваесетина членови на пензионерската организација од Свети Николе вчера (15 јули) протестираа пред Владата. Побараа средба со премиерот за лично да му ги пренесат барањата.
„Некаде околу 190.00 пензионери кои бевме на протести (2024) и сега сме пред владата, сме за усогласување на предлог законот за пензии, само линерано за пензионерите“, изјави претставник на оваа пензионерска организација на протестот.
Економистот Павле Гацов вели дека линеарното зголемување на пензиите, вклучувајќи ги и останатите неповолни демографско економски параметри ја нарушуваат долгорочната финансиска стабилност на пензискиот систем, односно го нарушуваат концептот на економска поврзаност на уплатените придонеси и пензијата што се прима од страна на корисниците на пензијата.
„Линеарното зголемување на пензиите би подразбирало и линеарни плаќање на пензискиот придонес, а не плаќање во пропишан процент (актулниот процент е 18,8отсто). Имено, со ваков начин на зголемување на пензиите, се дестимулира плаќањето на пензиски придонес на вкупната плата како основица за пресметување на овој придонес“, изјави Гацов за РСЕ
Линеарното покачување би било поздравено од пензионерите кои имаат ниски пензии, но би било помалку прифатливо за оние со високи пензии, за кои уплатувале повеќе во пензискиот фонд и според кои не е фер секој да добива исто зголемување. Од друга страна, процентуалното покачување би ги фаворизирало пензионерите кои веќе примаат повисоки пензии.
(Не) одржливост на пензискиот фонд
Економисти од поодамна укажуваат дека пензискиот фонд е на „стаклени нозе“ и се одржува со трансферите од државниот буџет. Годинава, Владата на ПИОМ ќе му префрли околу 50 милијарди денари, со дополнителни 2,5 милијарди планирани со ребалансот на буџетот.
Тоа се околу 10 милијарди денари повеќе во споредба со трансферот што ПИОМ го доби од Владата во 2024 година.
На прашање како ќе се обезбеди одрливоста на пензискиот фонд при евентуално линеарно покачување на пензиите, Велковски рече дека иако е намален односот пензионери – вработени, невработеноста е намалена од 13 отсто лани на 11 отсто годинава, а се прави и сет на мерки за да се подобри ситуацијата.
Од Фискалниот совет (независно државно тело формирано од Собранието што изработува анализи за фискалните претпоставки и фискалната стратегија) анализираа дека секојa година бројот на пензионери се зголемува за 1.500 до 1.700 нови, додека растечката емиграција на младите ја намалува основата за собирање придонеси.
Затоа, пред крајот на 2024 година, Фискалниот совет до Собранието достави Мислење со кое бара во 2026 година старосната граница за остварување на право за пензија на мажи и жени да се помести на 67 години, што Собранието не го усвои.
Според податоците од Фондот за пензиско и инвладиско осигурување(ПИОМ), во државата во мај имало вкупно 344.796 пензионери. Просечната пензија истиот месец била 26.157 денари. Највисоката исплатена пензија е 88.013 денари и ја земале само 18 пензионери во државата.
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека над една петтина од населението на Европската унија е на возраст од 65 или повеќе години, бројка што се очекува да достигне една третина до 2050 година. За да се справат со зголемените трошоци за пензии, неколку земји на ЕУ најавија промени на пензиски системи, вклучително и на зголемување на возраста за пензионирање.