– Владата на денешната седница ја усвои Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година, во насока на, како што се наведува во владиното соопштение, зголемување на ефикасноста на правосудниот систем.
Како што соопшти владината прес-служба, Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година, според предлагачот, Министерството за правда, е стратешки документ, којшто се донесува заради утврдување, планирање и спроведување на политиките за натамошен развој на правосудниот систем.
При нејзиното финално изготвување, се посочува во соопштението, земени се предвид експертски мислења, како и мислењето од Европската комисија.
-Покрај прашањата потесно поврзани со судството, Стратегијата, како што е образложено, предвидува и низа мерки во други поврзани области, коишто се значајни за извршување на функциите на правосудниот систем и ефикасно остварување на правата на физичките и правните лица пред правосудните органи, информираат од владината прес-служба.
Стратегијата се фокусира на пет клучни приоритетни области: судството и јавното обвинителство, капацитетите на посебните институции на правосудниот систем, индивидуалните професии и јавни служби, Уставниот суд и специфичните правни области (кривична и граѓанска материја), коишто се релевантни за функционирањето на правосудството.