Владата ќе бара репреговарање на договорот за хеликоптерите „Леонардо“

Владата подготвува терен за репреговарање на договорот тежок речиси 250 милиони евра за набавка на осум хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо хеликоптерс“, склучен во време на претходната влада со потпис на ексминистерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Ваквиот потег е најавен уште на владината седница на 6-ти март, која ја водеше заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николовски, кој воедно е и претседател на Координативното тело за арбитражни постапки.

„Се задолжува претседавачот на Координативното тело за следење на арбитражните постапки произлезени од меѓународните договори, во рок од три дена, да испрати барање за прибирање на понуди за избор на правна куќа за обезбедување на правни услуги од областа на меѓународното арбитражно и швајцарското право согласно утврден опфат на работа, до следните меѓународни адвокатски куќи: Three Crowns LLP, Herbert Smith Freehils LLP, Debevoise & Plimpton LLP. Freshfields LLP, Clifford Chance LLP, Latham & Watkins LLP“, пишува во записникот од владината седница.

Компаниите требало да ги достават понудите до 10 март.

Денеска, на 14 март, ова Координативно тело треба да ја избере најдобрата која во иднина ќе треба да даде правно експертско мислење за договорот склучен меѓу Министерството за одбрана и италијанскиот „Леонардо хеликоптерс“.