Владата планира да го раскине договорот со компанијата „Енергоинвест“ од Сараево за изградба на далноводот кон Албанија, објави ТВ21 повикувајќи се на свои информации. Државниот електропреносен оператор МЕПСО веќе е во консултации со Владата и се чека конечната одлука која најверојатно ќе биде раскинување на договорот со босанската фирма, вреден 17 милиони евра, објави телевизијата.
Далноводот беше најавен во 2015 година, а енергетското поврзување на Македонија и Албанија требаше да чини вкупно 50 милиони евра. Но, и по речиси десет години, од проектот нема ништо и тој е во целосен застој.
Далноводот за меѓуповрзување со Албанија неодамна беше тема и на пратеничките прашања во Собранието. Премиерот Христијан Мицкоски од говорницата уште на крајот на ноември навести поништување на договорот и обвини за „криминал од епски размери“.
„Далновод, кој што требало да ја поврзе Македонија со Албанија. Далновод, нели Албанците, ние. 50 проценти донесена опремата, две дупки, две стопи ископани за далноводи и шест милиони во џеб. И сега треба ние да го поништуваме тоа и ние да го плаќаме“, рече тогаш Мицкоски.
Компанијата Енергоинвест од Сараево, и покрај пробиените рокови, бараше дополнителни 7 до 8 милиони евра како анекс на договорот. ТВ21 објави и дека подизведувач на босанската фирма во 2021 година била компанија на контроверзниот охридски бизнисмен и политичар Нефи Усеини, кој тогаш беше советник во Општина Охрид, а во јавноста стана познат по случаите на насилство и бесправно градење во кои беше вмешан.