Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес се огласи за несреќата во која загина Евгениј Пригожин.
На средбата во Кремљ со претседателот на самопрогласената ДПР, Денис Пушилин, тој изрази сочувство до семејствата на загинатите во авионската несреќа во регионот Твер во Русија.
„Евгениј Прогожин беше човек со комплицирана судбина, талентиран бизнисмен. Вагнер се бореше со нацистите во Украина, тоа никогаш нема да го заборавам“, изјавил Владимир Путин, пренесе руската медиумска агенција РИА Новости.
Владимир Путин додал дека првиот човек на Истражниот комитет на Русија го информирал за почетокот на истрагата за авионската несреќа на Евгениј Пригожин и дека ќе биде разработена до крај.
„Ќе го истуркаме до крај“, нагласи претседателот на Руската Федерација.
Владимир Путин кажа дека го познавал Евгениј Пригожин многу долго, од почетокот на 90-тите години на минатиот век.
„Направи грешки, но ги постигна посакуваните резултати и за себе и за заедничката цел“, рекол Владимир Путин.
„Работеше не само овде, туку и во странство, работеше во Африка, каде се занимаваше со нафта, гас, благородни метали, камења. Колку што знам, тој вчера се врати од Африка и овде се сретна со некои официјални лица“, објаснил рускиот претседател.
Да потсетиме, вчера животот го загуби лидерот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин. Неговиот приватен авион се урнал во регионот Твер додека летал меѓу Москва и Санкт Петербург. На снимката објавена на Интернет очигледно се гледа како малиот авион паѓа заедно со облак чад пред да удри во земјата и да се запали.
Федералната агенција за воздушен транспорт на Русија синоќа го објави списокот на патници кои загинаа во областа Твер кај селото Куженкино кога се урна авионот Embraer Legacy 600 со десет патници. Во прашање се: Пропустин Сергеј, Макаријан Евгениј, Тотмин Александар, Чекалов Валери, Уткин Дмитриј, Матушев Николај и Пригожин Евгениј. Меѓу членовите на екипажот биле пилотот Левшин Алексеј, копилотот Каримов Рустам и стјуардесата Кристина Распопова.
Водечкиот истражувачки новинар за руски прашања, Христо Грозев, пред само 10 дена даде изјава во која прецизираше дека во рок од шест месеци или Евгениј Пригожин ќе умре или ќе се случи нов државен удар во Русија.