Високиот руски генерал Сергеј Суровикин, заменик командант на руските воени операции во Украина, кој наводно имал сознанија за бунтот на групата Вагнер и нејзиниот водач Евгениј Пригожин, не е виден откако избувна вооружениот бунт на групата Вагнер на сабота и кога тој за последен пат апелираше да се прекине бунтот.
Сергеј „Армагедон“ Суровикин инаку е познат по неговите блиски врски со Евгениј Пригожин. Претходно оваа година, тој беше сменет од позицијата врховен командант на операции во Украина – што Евгениј Пригожин тоа го критикуваше – но го задржа влијанието во спроведувањето на воените операции.
Влијателниот руски провоен канал на социјалната мрежа Телеграм, „Ribar“ наведува дека Сергеј Суровикин бил приведен во рамките на истрагата, односно дека бил сослушан. „Сергеј Суровикин не е виден од саботата – не се знае со сигурност каде е генералот ‘Армагедон‘. Постои верзија дека е испрашуван“, објави каналот, а пренесува Sky News.
Американските разузнавачи претходно соопштија дека Сергеј Суровикин знаел за плановите на Евгениј Пригожин дека сака се побуни против руското воено раководство, објави денес весникот New York Times.
„Вчера рековме дека треба да се внимава бидејќи ќе има прилично тешко време“, изјави аналитичарот за одбрана и безбедност на Sky News, Мајкл Кларк.
„Она што ќе се случи со овој човек ќе биде многу интересно. Тој не се појави откако во саботата издаде соопштение во кое ги повика луѓето на Вагнер да се вратат во своите единици и да се однесуваат примерно“, додаде тој.
„Генерал Армагедон“, како што го нарекоа руските медиуми, наводно знаел дека водачот на озлогласените платеници планира бунт против военото раководство на Москва, објави во вторникот New York Times.
New York Times се повикува на американски официјални лица запознаени со американското разузнавање за бунтот на Евгениј Пригожин и наведува дека официјалните лица „се обидувале да откријат дали Сергеј Суровикин, поранешниот висок руски командант во Украина, помогнал во планирањето на акциите на Евгениј Пригожин минатиот викенд“.
Евгениј Пригожин замина во егзил во Белорусија во вторникот според договорот со кој заврши кусиот бунт на неговите борци во текот на викендот, додека претседателот Владимир Путин ги пофали неговите вооружени сили за, како што кажа, избегнување на граѓанска војна.
New York Times објави дека американските власти, исто така, рекле дека има знаци дека други руски генерали можеби го поддржувале Евгениј Пригожин. Пентагон се уште не одговорил на барањето на медиумската агенција Reuters за коментар, a исто така и Кремљ и Министерството за одбрана на Русија молчат.
Сергеј Суровикин беше поставен на чело на операциите во Украина во октомври минатата година, но во јануари рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го назначи началникот на Генералштабот Валериј Герасимов да ја надгледува воената кампања во Украина, а Сергеј Суровикин стана негов заменик.
Пред да започне бунтот, Евгениј Пригожин беснееше против Сергеј Шојгу и Валериј Герасимов со месеци, обвинувајќи ги за погрешно справување со војната и недостаток на воена поддршка за борците на Вагнер, особено за наводното недоволно снабдување со муниција за неговите сили.
Сергеј Суровикин ја повика групата Вагнер да го напушти својот бунт против военото раководство и да се врати во своите бази непосредно пред Евгениј Пригожин да ги поведе своите борци на, како што кажа „марш за правда“ кон Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно во вторникот одговори на новинарско прашање за извештајот на New York Times: „Сега ќе има многу шпекулации, озборувања и слично околу овие настани. Мислам дека ова е еден таков пример“, тврди тој.