Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) отвори кривична постапка против првиот човек на групата Вагнер, Евгениј Пригожин поради повикување на вооружен бунт, објави Националниот антитерористички комитет (НАЦ). Одделот истакнува дека изјавите на лидерот на Вагнер „немаат основа“, пишува руската медиумска агенција TASS.
„Во врска со ова, ФСБ покрена кривична постапка за повикување на вооружен бунт. Бараме итно прекинување на незаконските дејствија“, се вели во соопштението објавено од руските медиуми.
Претходно во петокот, Министерството за одбрана на Русија објави дека сите информации објавени во име на Евгениј Пригожин за нападот на логорот на групата Вагнер не се точни. Министерството овие обвинувања ги нарече како – „провокација“.
Тие исто така посочија дека руските војници продолжуваат да извршуваат борбени мисии кои се дел од т.н. „специјална воена операција“ во Украина. Според портпаролот на претседателот на Русија, Дмитриј Песков, Владимир Путин е информиран за сите настани и се преземаат потребните мерки.
Евгениј Пригожин, првиот човек на платеничката воена група Вагнер, денес го обвини руското воено раководство дека го нападнало воениот камп на Вагнер и убило голем број негови борци. Евгениј Пригожин изјави дека биле предавнички измамени и дека во тој момент се подготвувале да направат отстапки на Министерството за одбрана на Русија за да го предадат оружјето и да најдат решение за натамошната одбрана на својата земја, но „кучките“ решиле да го нападнат.
„Тие видоа дека не скршија, па ги нападнаа нашите кампови. Загинаа огромен број наши борци, наши соборци. Десетици од нив. Наскоро ќе одлучиме како да одговориме на овие злосторства. Следниот чекор е наш“, вели Евгениј Пригожин во објава на социјалната мрежа Телеграм.