На првата годишнина од руската анексија на украинските региони Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск, претседателот на Русија, Владимир Путин, вети дека ќе ги обнови областите зафатени од војната.
„Училиштата, болниците, станбените згради и патиштата, музеите и спомениците ќе бидат обновени и реконструирани“, посочи Владимир Путин во видео пораката објавена од Кремљ во саботата.
„Сите руски региони ќе ја дадат својата братска помош во напорите за обнова“, додаде тој.
По непризнаените референдуми, Владимир Путин потпиша договор со лидерите на четирите окупирани региони на 30. септември 2022 година, кои во очите на Москва станаа дел од Руската Федерација.
Украина ја продолжува својата контраофанзива со надеж дека ќе ги ослободи тие територии.
„Пред нас е голема задача и решение за тешките предизвици, спроведување на голема програма за обнова и социо-економски развој на нашите историски региони“, продолжи Владимир Путин во видео пораката.
„И сигурно ќе ги постигнеме поставените цели“, нагласи тој.
Претседателот на Русија ја нарече анексијата на територијата – „историски и судбоносен настан“.
Тој им се заблагодари на граѓаните на територијата чија решителност уште повеќе ја зајакна Русија:
„Ние сме еден народ. И заедно совладуваме се, наоѓаме одговори на сите предизвици“.
Дури и по повеќе од една и пол година војна, Русија не контролира целосно ниту еден од четирите припоени региони. Украина, исто така, успеа да врати делови од територијата за време на повеќемесечните борби.