Претседателот на Русија, Владимир Путин, пред новинарите во Сочи изјави дека е отворен за преговори за завршување на војната во Украина, но, како што вели, Украина не ги сака.
„Веќе разговарав за ова. Никогаш не сме одбиле преговори. Затоа ве молам, ако сака другата страна, нека го каже тоа директно. Значи, јас зборувам, но не слушаме ништо од другата страна“, изјавил Владимир Путин, пренесуваат руските медиуми.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, постојано презентираше мировен план од десет точки за ставање крај на конфликтот, но тој ќе бара од Русија да ги отстрани своите војници од украинска територија.
Во Сочи денес се состанаа рускиот и белорускиот претседател Владимир Путин и Александар Лукашенко за теми поврзани со регионалните прашања, меѓународната ситуација и решавањето на заедничките проблеми во економијата, вклучително и областа на замена на увозот.
Владимир Путин најави и дека со белорускиот колега ќе разговара за изградбата на брзиот автопат Москва-Минск.