Руски затвореник кој беше осуден на две децении затвор за ритуално убиство на четворица тинејџери, наводно, бил помилуван од претседателот на Русија, Владимир Путин, во замена за неговото учество во војната во Украина, пренесува Newsweek.
Николај Оголобјак, кој призна дека е член на сатанистичка секта, беше осуден во јули 2010 година за убиство, грабеж и сквернавење на труп. Членовите на сектата ги пржеле и јаделе органите на своите жртви во станот на Николај Оголобјак во 2008 година, покажуваат судските документи на кои се повикува рускиот веб-портал 76.ru.
Русија, наводно, интензивно регрутирала од затворите со месеци во обид да ги зајакне воените напори во Украина. Министерството за одбрана на Велика Британија во мај соопшти дека руската Армија го „засилила“ регрутирањето на затвореници оваа година, но дека тие не успеале да го намалат бројот на жртви во Украина.
Таткото на Николај Оголобјак изјавил за 76.ru дека неговиот син служел шест месеци во озлогласената руска единица „Бура З“, која Русија ја користела за изведување локални напади на фронтот во Украина, а сега е дома во градот Јарослав во московскиот регион.
„Вистина е. Тој служеше шест месеци. Откако беше ранет, остана инвалид. Тој оди, но раната е сериозна“, изјави таткото на Николај Оголобјак, додавајќи дека најверојатно нема да биде вратен да се бори во Украина поради повредите.
Таткото на Николај Оголобјак рекол дека неговиот син се вратил од Украина на 2. ноември и моментално живее со својата мајка.
Сектата на која и припаѓал Николај Оголобјак е основана во 2006 година од 15-годишниот Константин Клик Баранов. Неколку години, членовите спроведувале „крвни ритуали“, убивајќи кучиња и мачки и ја користеле нивната крв за да иницираат нови членови.
Во летото 2008 година, осум членови убиле и распарчиле четворица студенти во Јарослав.
Обвинетите се осудени на затвор од 8 до 20 години. Николај Оголобјак доби 20 години затворска казна во максимална безбедност.