Претседателот на Русија, Владимир Путин, на Самитот на БРИКС во средата изјави дека Русија сака да стави крај на војната во Украина, велејќи дека таа е предизвикана од Запад и неговите сателити.
Во видео-обраќањето до лидерите на БРИКС, кои не ја осудија руската инвазија на Украина, Владимир Путин повтори дека бил принуден на војна поради акциите на властите од Киев и Запад.
Украина и Запад тврдат дека руската инвазија е империјалистичко грабање земја.
Владимир Путин лично не дојде на Самитот, кој се одржува во Јоханесбург, бидејќи му се закануваше апсење врз основа на налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Во март МКС издаде налог за негово апсење за воено злосторство илегално депортирање деца од Украина во Русија.
„Само една работа ги диктира нашите акции во Украина, а тоа е да се стави крај на војната предизвикана од Запад и неговите сателити против луѓето што живеат во Донбас“, кажа Владимир Путин, мислејќи на источниот дел на Украина каде што се борат проруските сепаратисти и украинската Армија од 2014 година.
„Сакам да забележам дека желбата да се зачува нивната хегемонија во светот, желбата на некои земји да ја зачуваат таа хегемонија, доведе до сериозна криза во Украина“, порачал тој во обраќањето.
Русија постојано вели дека е отворена за разговори за ставање крај на 18-месечната војна, но само ако се земат предвид „новите реалности“ создадени од руските сили кои контролираат речиси една петтина од Украина.
Украина бара враќање на целата нејзина територија и заминување на руските сили.
Јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоза, кој во јуни го претстави африканскиот мировен план на Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски на одделни состаноци, вели, одговарајќи на говорот на рускиот претседател, дека членовите на БРИКС ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за ставање крај на конфликтот.
Владимир Путин, исто така, кажа дека Москва ќе го искористи своето претседавање со БРИКС следната година за да ја зајакне улогата на групата во светот како противтежа на глобалната доминација на САД.
„Самитот на БРИКС ќе се организира во Казан во октомври 2024 година“, најави Владимир Путин.
Зајакнувањето на БРИКС е дел од руската визија за поткопување на американската доминација и градење, според зборовите на Владимир Путин – „мулиполарен светски поредок“.
Лидерите на БРИКС, меѓу кои се Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, ќе се фокусираат на состаноците во среда за проширување на блокот, кој сака да го зголеми своето влијание во светот, пренесува медиумската агенција AFP.
Во вторникот, Кина отворено кажа дека го поддржува нејзиното проширување.
Ова го поддржуваат ЈАР и Бразил, а на Русија, која е под меѓународни санкции поради инвазијата во Украина, и се потребни дипломатски и трговски сојузници.
Индија, од друга страна има недоверба кон Кина. Индискиот премиер Нарендра Моди не го спомна прашањето за проширување на групата на првиот ден од Самитот. Тој само го истакна брзиот економски раст на неговата земја, поткрепувајќи го со многу бројки и примери.
БРИКС произведува четвртина од светското богатство и 42 отсто од светското население живее во овие земји. Десетици земји побараа да му се придружат, а Куба, Нигерија и Иран се дел од кандидатите.