Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги потврди извештаите дека неговата земја развила сопствено оружје со долг дострел.
„Успешна употреба на нашето оружје со долг дострел: беше погодена цел оддалечен 700 километри“, изјави Володимир Зеленски за време на конференциска врска со претставници на Киев, пренесуваат украинските медиуми.
Украинските сојузници во НАТО одиграа клучна улога во опремувањето на украинската Армија за време на војната против руските сили, но главно не сакаа да обезбедат оружје со долг дострел.
Аналитичарите шпекулираат дека неподготвеноста да се снабдува Киев со такво оружје може да произлезе од стравот од ескалација на конфликтот доколку таквото оружје испорачано од Запад се употреби на руска територија. Руските власти претходно предупредија дека Москва потоа ќе размисли за преминување на границата, пишува Newsweek.
Претходно оваа година, Велика Британија стана првата земја што испорача на Украина ракети со долг дострел Storm Shadow. Во јули, Франција објави дека ќе испрати десетици ракети SCALP во Киев, француската верзија на Storm Shadows, со дострел од околу 200 километри.
Во меѓувреме, украинските власти извршија притисок врз САД да го испратат воениот тактички ракетен систем (ATACMS), кој има дострел од 300 километри. Администрацијата на Џо Бајден соопшти дека размислува да ги испрати овие системи во Киев, но тие сè уште не го одобриле потегот.
„Оружјето на НАТО е подобро, но ние имаме помалку. И ако има помалку од тоа, тогаш треба да има рамнотежа на долг дострел. Тоа ни недостига“, изјави Володимир Зеленски во јули.
Денеска не прецизираше која цел е погодена на оддалеченост од 700 километри, но аеродромот во руската област Псков што беше погоден вчера е на околу 700 километри од украинската граница.
Володимир Зеленски исто така не прецизираше каков тип на оружје со долг дострел е користено, но се верува дека во нападот на Псков биле користени дронови. Сепак, можно е тој да мислел на домашно произведени ракети со долг дострел, како оние што се наводно користени за време на нападите врз руски цели на Крим минатата недела.
Олексеј Данилов, секретар на Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, изјави за локалните медиуми дека нова ракета од украинско производство уништила руски фрлач S-400 за време на нападот на Крим.
Дел од украинските медиуми во средата напиша дека Украина можеби ја користела противбродската крстосувачка ракета Р-360, која е модифицирана за да има поголем дострел, за да го уништи S-400, пишува Newsweek.