Албанија ја интензивира употребата на вештачка интелигенција (ВИ) во јавната администрација за забрзување на процесот за пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, објави владата во Тирана. Премиерот Еди Рама објави дека размислува за создавање министерство кое целосно ќе биде управувано од вештачка интелигенција, опишувајќи ја технологијата како „најефикасен иден член на владата“, објавува „Политико“.
„Еден ден, можеби ќе имаме министерство кое е целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин, нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули.
Идејата сè уште не е преточена во официјална политика, но вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сегменти на управувањето: од контрола на јавни набавки и следење на даночните и царинските трансакции, до откривање на нелегална градба, како и надзор на плажи и плантажи со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, најавена е и употреба на технологија за препознавање лица за испраќање дигитални предупредувања и казни до возачите.