– Меѓусебните обвинувања помеѓу власта и опозицијата околу тоа кој се би гласал за уставните измени и кој е за, а кој против членство во Европската унија, продолжија и викендов. Владејачките ДУИ и СДСМ тврдат дека сите пратеници од мнозинството, како и пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да гласаат промените на Уставот и повикува на предвремени парламентарни избори.
ДУИ вчера ја повика опозицијата да се приклучи кон, како што соопштија, напорите за европска Северна Македонија и продолжување на интеграцискиот пат како единствена алтернатива за нашата земја.
-Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори. Храброста и одлучноста во носењето одлуки се наградува од страна на граѓаните, но и од нашите евроамерикански пријатели. Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за Европска Северна Македонија, порачаа во соопштение од ДУИ.
За нив се загрижувачки, како што наведуваат, недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против европската интеграција и одбивањето на помошта од меѓународните партнери, но се убедени дека „пратениците и граѓаните не ги споделуваат изолациските и антиевропски ставови на нивните лидери, туку ќе одлучат храбро и мериторно за продолжување на европскиот пат“.
-Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна. Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија, велат од ДУИ.
Првиот вицепремиер и членот на Централниот совет на Демократската унија за интеграција, Артан Груби вчера пред почетокот на седницата на Централното претседателство на партијата во Мала Речица истакна дека „знае дека има пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои би ги поддржале уставните измени“.
-Нема пратеник во ДУИ, ниту Албанец или кој било друг во прогресивното парламентарно мнозинство кој што ги условува уставните измени за европска Северна Македонија. Мислам дека адресата е на некое друго место, а тоа е во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од денеска, ние започнуваме со напорите на обезбедување на парламентарното мнозинство како што тоа го направивме тоа и во претходниот случај со Преспанскиот договор. Убеден сум дека ќе успееме и сега, затоа што имаме контакти со опозицијата и го гледаме расположението. Едно нешто е тоа што велат нивните лидери кои што не се пратеници, друго нешто велат тие што се пратеници, Груби, пред почетокот на седницата на Централното претседателство на партијата.
Пратеникот на СДСМ и портпарол на партијата, Дарко Каевски вчера истакна дека сите пратеници од владејачкото мнозинство и голем број пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието.
-Верувам дека кога ќе влезе процесот во Собранието ќе бидете уверени дека сите пратеници од владејачкото мнозинство, вклучувајќи голем број пратеници и од опозицијата, ќе бидат за, со аргументи и ставови за уставните измени, затоа што се важни за европскиот напредок на државата, важни се затоа што сме ветиле пред граѓаните дека ЕУ е наша децениска аспирација и ние како политичари од оваа генерација сме должни тоа да го оствариме, рече Каевски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Во врска со изјавата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека овој Парламент нема мандат да го менува Уставот и дека тој ќе ги истрпи сите притисоци, Каевски рече дека „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат преку спинови и лажни соопштенија да го одвлече притосокот што го има од неговите поддржувачи во ВМРО-ДПМНЕ“.
-Од неговите поддржувачи во ВМРО-ДПМНЕ коишто се убедени дека европскиот пат е и единствениот пат на оваа држава и дека уставните измени мора да се случат и оттука се таквите тенденции и таквите коментари, рече Каевски.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера излегоа со прашање до премиерот Димитар Ковачевски дали е точно дека тој побарал од пратениците на СДСМ да излезат со заеднички став и документ кој ќе биде потпишан од секој од нив поединечно дека безусловно ќе гласаат за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот како и да се формулирани тие.
-Исто така, документот имале во план да го објават вчера (петок) со што би ги демантирале нашите изјави, но тоа не се случило поради изричното несогласување на веќе споменатите пратеници. Ковачевски залудно се труди со притисоци да го промени мислењето на сите оние кои се против ваквите уставни измени затоа што дури и во самата негова партија нема доверба за спроведување на ваков процес, истакна вчера на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа рече дека „Ковачевски свикал групна координација со пратениците“ на која, како што посочи, тој сакал да ги убеди дека ова е единствениот начин СДС да опстане уште некој месец на власт и дека само така ќе може да ги убеди албанските партии да дадат максимална поддршка за опстанок на владата.
-Ова се дискутирало на средбата пред неколку дена во централниот штаб на СДСМ која имала тензичен и непријатен карактер, на која тој потенцирал дека доколку излезат во јавноста пратеници од СДС кои се против уставните измени тоа може да ги натера албанските коалициони партнери да ја прифатат идејата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори оваа година, рече Митева.
Како што истакна недоамна премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на Министерството за правда е формирана работна група за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, а ќе бидат повикани и експерти од опозициските партии исто како што биле повикани на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот.
-За жал, тие тогаш тоа го одбија, меѓутоа сметам дека и во опозицијата постои демократски капацитет, постојат луѓе коишто веруваат во европската иднина на државата. Не е доволно само декларативно да се поддржува одредена цел, туку треба со чекори, со одлуки, со одлучност да се настапи и да се обезбеди европска иднина за сите наши граѓани од сегашната и од идните генерации, рече Ковачевски.