Американскиот Стејт департмент вчера ги стави на „црната листа“ кандидатот за претстојните претседателски избори во Северна Македонија, градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Според соопштението на Стејт департментот (state.gov/press-releases), Јакимовски и Јанева биле на таа листа поради „вмешаност во значителна корупција“, „нивните постапки го поткопувале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процедури“.
Се прецизира дека Јакимовски во својство на градоначалник на општина Карпош бил „вмешан во коруптивни дејствија и дека ја користел службената положба за мешање во процесите на урбан развој и набавки за да извлече бенефиции за себе и за своите соработници. “
Јанева е ставена на „црната листа“ затоа што за време на нејзиниот мандат во поранешното Специјално јавно обвинителство „учествувала во коруптивни дејствија, како и за злоупотреба на политичко влијание и моќ за лична корист“.
Според Стејт департментот, за Јанева има веродостојни информации дека барала и примала мито за да влијае на работата на обвинителството кое било под нејзина надлежност.
На Јакимовски и Јанева, како и на членовите на нивните семејства им е забранет влез во САД.
Заедно со Јанева и Јакимовски, американскиот Стејт департмент го означи и Џабир Жарку, поранешниот градоначалник на косовскиот град Качаник, за „вмешаност во значителна корупција“.
Поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на државната безбедност и бизнисмен Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев и неговата мајка Ратка, поранешниот вицепремиер за економски прашања, бизнисменот Кочо Анѓушев и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко претходно беа на црната листа во САД поради корупција во Северна Македонија (ДУИ).