ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку утре се одржат парламентарни избори, тие би освоиле над 60 пратеници. Оваа партија вели дека „граѓаните го избраа патот на развој и раст“.
„ВМРО-ДПМНЕ со 550 советници низ цела Македонија и градот Скопје, како и над 300 илјади гласови, е апсолутен победник на локалните избори. Според Д’Хондтовиот модел, доколку утре се одржат парламентарни избори, со овие гласови ВМРО-ДПМНЕ би имал над 60 пратеници, додека СДСМ во некои изборни единици би бил трета партија“.
„Народот го казни СДСМ, кој во некои места од земјата, вклучувајќи го и градот Скопје, се најде на трето, четврто, па дури и на петто место според бројот на освоени гласови. Времето на работа, одговорност и резултати продолжува – благодарение на сите оние што го направија вистинскиот избор“.
„На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласови повеќе отколку во 2021 година, додека СДСМ претрпе загуба од 111.000 гласови. Оваа загуба, според партијата, најдобро ја одразува недовербата на граѓаните кон погрешните политики, некомпетентното управување и непрофесионалните кадри на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.