ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавата на Бујар Османи, кој го обвини Христијан Мицкоски дека е албанофоб и дека ги мрази Албанците.
„Османи и ДУИ, во исчекување на дебаклот што ќе ги погоди на претстојните локални избори, со цел да добијат медиумско влијание, повторно креваат прашина во јавноста, шират етнонационализам и лаги меѓу граѓаните. Мицкоски и ВМРО-ДПММЕ ниту мразат никого, ниту се албанофоби. Може да бидат само оние од ДУИ, кои очигледно не го сакаат својот народ“, објави ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако Османи и ДУИ го сакаа својот народ, немаше да потпишуваат, како што велат, капитулантски договори со Бугарија и Грција, немаше да гласаат за промена на името и Уставот, немаше да играат фудбал во министерството, немаше да има млади луѓе што купуваат трговски центри во центарот на градот.
„Да го сакаа Османи и ДУИ својот народ, како што велат, немаше да има жители на Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Липково, Пласница, Струга, Теарце, Сарај, кои одат по кал, без водовод, без канализација, без основни човечки услови за живот.
„Веруваме дека Османи и ДУИ, пред да излезат да одржат говори пред јавноста, прво треба да се погледнат себеси во огледало“, се наведува во одговорот на ВМРО-ДПМНЕ.